„Безбедносната ситуација во Авганистан е тешка и предизвикувачка“, стои во оценката на НАТО, заради што Алијансата ги повика милитантните талибанци да прекинат со нападите.
„Ја споделуваме длабоката загриженост со Советот за безбедност на Обединети нации за високото ниво на насилство предизвикано од воената офанзива на талибанците, вклучително и нападите врз цивили и извештаите за други сериозни прекршувања на човековите права“, изјави неименуван претставник на НАТО за германската новинска агенција ДПА.
Тој додаде дека нема воено решение за конфликтот.
„Талибанците мора да разберат дека тие никогаш нема да бидат признати од меѓународната заедница ако го отфрлат политичкиот процес и се обидат да ја преземат земјата со сила. Мора да ги прекинат нападите и да учествуваат во мировните преговори со добра волја.“
Тој ги повика сите регионални актери да бидат конструктивни, бидејќи стабилен и безбеден Авганистан е во корист на сите.
Од почетокот на повлекувањето на меѓународните трупи на почетокот на мај, талибанците заземаат град по град и голема територија е под нивна контрола. И покрај тоа, САД, како и Германија, се држат до своите плановите за повлекување од Авганистан.