Вакцината на „Астра Зенека“ во земјава нема да се дава на лица помлади од 60 години. Одлуката ја донесоа нашите здравствени власти откако го разгледаа ставот на Одборот на Европската агенција за лекови (ЕМА) за безбедноста на вакцината на
„Астра Зенека“.
Досега околу 15.500 повозрасни граѓани во земјава се вакцинирани со „Астра Зенека“ и засега нема пријавена ниту една несакана реакција од вакцинацијата, освен пријавениот случај на 28-годишна девојка по вакцинација со оваа вакцина во Србија.
Според најавите од здравствените власти, наредната недела во земјава треба да пристигнат околу 1.500 пакувања од новата терапија што веќе се применува во САД во третман на пациенти болени од Ковид-19.
Во ковид-центрите во болниците според вчерашните податоци на Министерството за здравство се лекуваат вкупно 1 717 пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот.
Сегашната состојба и големиот број на смртни случаи, според надлежните, се одраз на тоа што се случувало во претходните две недели, а очекуваат бројката да се намали како резултат на дополнителните рестриктивни мерки за околу две недели.
(Фото: МИА)