Собранието и натаму остана заглавено во реплики, процедурални забелешки и различни толкувања на деловникот.
Ситуацијата е крајно неизвесна, а на повидок нема решение.
Нема, се чини, каков било механизам со чија употреба состојбите во брзо време драматично би се промениле.
СДСМ, повикувајќи се на член 78, со поддршка од 10 пратеници повторно побара од претседавачот на седницата Трајко Вељаноски да се премине на 4-та точка од дневниот ред, на избор за претседател на Собранието, додека според ВМРО-ДПМНЕ со тоа се крши деловничкото право и претресот треба да трае додека не се исцрпи листата со пријавени пратеници за збор.
Пратеничката и заменик-претседател на СДСМ, Радмила Шекеринска, го предупреди претседавачот Трајко Вељаноски дека го крши деловникот со тоа што не прифаќа преоѓање на следната точка.
„Во деловникот се дава можност во текот на седницата да се даде предлог за измени во редоследот и по тој предлог да се гласа. Членот треба убаво да се прочита. Не пишува на почеток на седницата, туку стои во текот на седницата. Имаме блокирана држава“, изјави Шекеринска.
Обраќајќи им се на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со зборовите „животот не завршува на оваа седница, животот не завршува со падот на Никола Груевски“, пратеникот Петре Шилегов му нагласи на Вељаноски дека е должен предлогот од 10 пратеници да го ставите на гласање.
Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, повикувајќи се на член 80, рече дека претресот трае додека не се исцрпи листата на пријавени за збор.
„Денеска расправаме по 3. точка и додека не се исцрпи листата на пријавени, не може да се премине на друга точка“, истакна Мукоски.
Неговиот сопартиец Владимир Ѓорчев рече дека она што го предлагаат пратениците од СДСМ ниту еднаш се нема случено во парламентот.
„Ова толкување што го има СДСМ нас ни одговарало 1.000 пати изминатите 10 години. Да ги прекинеме дискусиите што тие ги имале, да ги поминеме законите побрзо, но тоа ниту еднаш не се случи затоа што добро знаат дека тоа не е така и дека не им држи објаснувањето. Затоа што ако еднаш се спроведе ова, тогаш не знам каде ќе завршиме“, рече Ѓорчев.
И оваа седница помина во знакот на обвинувања за тоа кој каков криминал сторил, кој е поголем или помал предавник на државните и националните интереси.
На обвинувањата за предавство реагираше пратеникот од СДСМ, професорот Ферид Мухиќ. Тој порача да се прекине со поделба на предавници и патриоти и да не се користи зборот криминалци, нагласувајќи притоа дека „ниту една партија нема право да зборува од името на народот“.
Мухиќ вели дека доколку некој бил предавник, веќе би бил во затвор, и побара да се забрани употребата на зборот „тиранска платформа“, бидејќи, како што истакна, таков документ со таков наслов не постоел.