Стефан Луфвен би можел денеска да стане прв шведски премиер којшто ќе биде сменет во парламентот, откако обидите на неговата влада во текот на викендот да постигне договор за повторна поддршка од Левата партија не вродија со плод.
Таквиот расплет на случувањата би му оставиле на Луфвен една недела или да поднесе оставка или да организира предвремени избори, што во Шведска не се случило од 1958 година.
„Најверојатно ќе имаме историски ден во парламентот“, објави денеска националниот дневен весник „Дагенс Њухетер“ на својата насловна страница.
Луфвен го доби вториот мандат во 2018 година, после повеќемесечни преговори по изборите на кои Шведските демократи, противмигрантската партија, со својот добар резултат ја измени сведската политичка мапа.
Поранешниот водач на синдикатот, познат по преговарачките вештини, Луфвен, оттогаш имаше тесно мнозинство составено од Социјалдемократите и Зелените, со поддршка на поранешните политички ривали Партијата на центарот и Либералите.
Иако не беше дел од никаков формален договор, владата имаше и премолчена поддршка од Левата партија. Тоа се смени минатата недела откако владата сигнализираше дека би можела да ја олабави контролата на изнајмување на новоизградени станови, што беше црвена линија за левицата.
Поранешната комунистичка, а сега Лева партија, побара од владата да го повлече таквиот план.
Иако социјалдемократите и партнерите превзедоа чекори во текот на викендот, последните потези не успеаја да ја спречат политичката криза.
Шведските демократи поднесоа предлог за изгласување недоверба и постои можност дека ќе ги добијат потребните гласови за рушење на Луфвен.