Според последните пресеци на епидемиолошката состојба во регионот бројот на новозаразени речиси е четирипати поголем во однос на претходниот ден.
Во Словенија ковид потврди ќе мораат да имаат и вработените кои работат од дома, а во Хрватска проценуваат дека до крајот на септември можат да имаат и по 2.000 новозаразени дневно.
Во последните 24 часа во Словенија се тестирани 5.728 лица, од кои на корона вирус позитивни биле 1.308, што е за 6,1 отсто помалку во однос на понеделникот минатата недела. На интензивна нега се 100 пациенти, колку што биле и на крајот на мај оваа година. Пријавени се три смртни случаи, вкупно 4.506 од почетокот на пандемијата.
Словенија воведе ковид-сертификат за работа, за одење во трговски центри, здравствени установи, јавен превоз, освен за студентите, како и за различните услужни дејности и јавни институции.
Дури и оние кои работат од дома не се ослободени од обврската да поднесат потврда за вакцинација, прележан Ковид-19 или негативен тест.
Ако вработените што работат од дома немаат ковид-потврда, тие ќе мора да се самотестираат со брз антигенски тест најмалку еднаш неделно, по што мора сертификатот да го испратат до работодавачот, а во него да бидат наведени датумот на тестирање, резултатот од тестот и потпис. Трошоците за тестирање се на товар на работодавачот.
Доколку работникот не го стори тоа, ќе се смета дека ги прекршил обврските што произлегуваат од работниот однос, а работодавачот може да го казни согласно Законот за работни односи.
Хрватска тестирала 9.777 лица на корона вирус, од кои 1.037 биле позитивни, додека вчера имало само 264. бројот на активни случаи денеска е 7.464. На респиратори се 88 пациенти. Пријавени се 12 починати.
Во изминатите 24 часа во Босна и Херцеговина се регистрирани 526 позитивни на ковид-19, 200 повеќе во однос на претходниот ден, од 3.417 примероци. Пријавени се 24 смртни случаи. Вкупниот број на починати на подрачјето на БиХ е 5.859.
Република Српска тестирала 527 лица, од кои 209 биле позитивни. Од нив 38 биле млади, 105 на средна возраст и 66 постари. Пријавени се 12 смртни случаи. Вкупно починати со Република Српска од почетокот на пандемијата до сега се 4.103 лица. Под здравствена заштита моментно се 7.989 луѓе.
Според последните информации, во Црна Гора од последици од корона вирус починале девет лица, 1.868 од почетокот на пандемијата. Меѓу починатите најмладиот имал 36, а најстариот 79 години. Регистрирани се 642 новозаразени, од 4.000 тестирани. Вкупниот број на моментно активни случаи во Црна Гора изнесува 8.144.