Конфликтите, климатските промени и растот на цените на храната и горивото го зголемуваат ризикот од глад за околу четвртина од Африканците, соопшти денеска Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Околу 346 милиони луѓе во Африка се соочуваат со несигурни резерви на храна, што значи дека е голема веројатноста да се соочат со глад во најголемата криза од 2017 година. Таа бројка лани изнесуваше 286 милиони.
„Тешката ситуација со несигурноста на резервите со храна во многу земји каде што работиме, а луѓето веќе се погодени со вооружени конфликти, се претвора во услови слични на глад“, рече Доминик Стилхарт, директор на глобалните операции на Комитетот на Црвениот крст.
Двете години конфликт во северната етиопска провинција Тигар оставија милиони луѓе во услови на глад и создадоа криза со храна во соседните провинции.
Востанијата во Буркина Фасо, Мали, Нигер и Нигерија, исто така, ја намалија достапноста на храна во Западна Африка, која сега се соочува со прехранбена криза од невидени размери.
Повеќето од земјите во кои се случуваат конфликти се исто така меѓу најтешко погодените од климатските промени, како што се Јужен Судан и Сомалија, рече Стилхарт.
„Приближно 90 отсто од Сомалија е моментално погодена од суша“, рече Стилхарт.
Ако не заврне оваа година, 1,4 милиони деца на возраст под пет години ќе бидат сериозно неухранети, според Светската програма за храна на Обединетите нации.
Само во февруари, сушата уби 650.000 грла добиток, уништувајќи ги со тоа приходите на Сомалијците за кои животните претставуваа профит, сигурност и заштеда.
„Во меѓувреме, глобалните цени на храната и горивото драстично растат, делумно поради војната во Украина“, рече Стилхарт.
Цените на житото, чии водечки производители во светот се Украина и Русија, повеќе не се на рекордното ниво до кое стигнаа минатиот месец, но остануваат за 70 отсто повисоки отколку во април 2021 година. Цените на пченката и нафтата, исто така, пораснаа.
„Нашиот апел денес е, всушност, дека насочувањето кон неприликите на народот на Украина, што се секако страшни, не треба да го спречи светот да погледа и на други кризи“, рече Стилхарт.
(Фото: АФП)