Неименуван американски државен службеник изјави денеска дека се регистрирани два случаја кај американски државјани со мистериозен неуролошки проблем познат како Хавана синдром меѓу персоналот на амбасадата на Соединетите Американски Држави во Колумбија, а сето тоа непосредно пред посетата на државниот секретар Ентони Блинкен на главниот град Богота.
Соговорникот додал дека се сомнева дека проблемот се појавил кај уште неколку луѓе, пренесе „Вол стри журнал“.
Едно американско семејство заради тоа заминало од земјата на лекување.
„Дефинитивно едно семејство е погодено, вклучувајќи и малолетно лице. Возрасните потпишаа тоа што потпишаа, односно, дека се запознаени со ризиците кои одат со мисијата и дека ги прифаќаат истите. Меѓутоа, нападот на деца, било тоа и да е случајно, треба да биде црвена линија, рече дипломатот кој е запознат со состојбата во амбасадата.
Блинкен треба да дојде во Богота следната недела како дел од кратката латиноамериканска тура, изјавија неколку официјални лица.
Стејт департментот не одговори веднаш на барањето за коментар, а амбасадата на САД во Богота ја отфрли можноста да ги коментира наводите.
Ако се потврдат, овие напади би биле последни во бројните мистериозни напади на американските дипломати во разни држави во светот.
Хавана синдромот прв пат се појави меѓу американските дипломати на Куба кон крајот на 2016 година. Симптомите вклучуваат вртоглавица, главоболка, слабост, мачнина, анксиозност, конгитивни проблеми, зуенје во ушите и губење на помнењето.
Од тогаш, како што пишува „Вол стрит журнал“, напади се регистрирани во Кина, Австрија, Германија и во Србија. Се проценува дека околу 200 американски дипломати и персонал биле погодени со овој синдром, а официјални лица инсистираат дека мора да се одреди точниот број, затоа што секој случај мора медицински да се потврди, заради тоа што некои поединци имаат исти симптоми од други причини.