Со 60 гласа „против“, 11 „за“ и без ниту еден воздржан вчера во Собрание не беше прифатена интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, поднесена од Алијанса за Албанците и Алтернатива, а поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.
Пратенците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија 39-та седница, откако не беа ставени на листата за обраќање поради задоцнето доставување до претседателот на Собранието. Своја листа не достави ниту СДСМ.
Опозицијата неставањето на пратениците на листата на говорници го оцени како обид на власта за нејзино замолчување.
Иницијаторите на интерпелацијата бараа одговорност од Спасовски за, како што наведоа, бегството на Никола Груевски и Сашо Мијалков, но и за случаите со давањето македонски пасоши на меѓународни криминалци и за лицата со двојни матични броеви.
Барањето за за заминување на Спасовски од Владата на почетокот на седницата од името на „иницијаторите“ го образложи пратеникот Халил Снопче.
За пратениците од СДСМ, пак, интерпелацијата е апсурдна, непотребна, беспредметна и избрзана за, како што рекоа, најуспешниот, најтранспарентниот и најпринципиелен министер во Владата. Тие нагласија дека Спасовски уште од неговото доаѓање на функцијата покажал како системски се решаваат проблемите во ресорното министерство кои, како што рече, со години пред него беа акумулирани.
МВР, според нив, покажа дека нема селективен пристап и дека без разлика дали се работи за високи полициски службеници или останати други луѓе кои имаат овластувања, одговорот е еден и единствен – секој ќе одговара за стореното.
Спасовски од пратенциите од парламентарното мнозинство побара кога ќе одлучуваат за интерпелацијата тоа да го направат по нивна совест врз основа на она што е сработено и на презентираните факти.
„Ако сметате дека досега направеното не е доволно, ве молам да ја поддржите интерпелацијата на Алијанса. Ако мојата работа ја сметате за исправна, тогаш само ќе ви ветам дека и од утре натаму ќе продолжиме уште посилно, уште попосветено да работиме заеднички во интерес“, нагласи Спасовски во обраќањето.
За да бидете одговорни во политиката, порача, треба да бидете овде, да дебатирате и да ги кажувате аргументирано своите ставови. Тоа, како што рече, не се случува со ВМРО-ДПМНЕ и таквиот однос не го изненадил. Од оваа дебата, според него, можеле да се извлечат многу поуки за тоа како да се продолжи подобро во наредниот период, што е тоа што треба заеднички да се преземе и да се види каде има пропусти во системот.
И пред две години пратениците расправаа за интерпелацијата на министерот Оливер Спасовски, тогаш поднесена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. И тогаш предлогот не им помина.