Светскиот шампион во Ф1, Нико Розберг, соопшти дека ја заврши кариерата затоа што го исполнил својот сон.
Розберг својата одлука за повлекувањето ја соопшти на својот ФБ профил, помалку од една недела откако ја освои титулата.
„Цели 25 години колку што се натпреварувам имав еден сон, една „работа“, сакав да станам шампион во Формула 1. Со вредна работа, болки, ја имав таа една цел. И сега го исполнив. Се качив на својата планина, сега сум на врвот и се чуствувам исправено. Мојата насилна емоција моментно е длабока благодарност за сите кои ме поддржуваа да го исполнам својот сон“, напиша 31-годишниот Розберг.
Розберг во неделата ја освои шампионската титула откако во Абу Даби стигна втор на целта, што му беше доволно на крајот да биде пред неговиот тимски колега Луис Хамилтон.
Германскиот возач победи во девет трки од вкупно 21, колку ги има во шампионатот.
„Кога победив во Сузука, од моментот кога судбината за титулата беше во мои раце, почна да расте притисокот и тогаш помислив да ја завршам кариерата ако станам шампион. Во неделата во Абу Даби знаев дека тоа би можела да биде мојата последна трка и тоа чувство ми помогна да ја разбистрам главата. Одлуката ја донесов во понеделникот вечерта. После еден ден размислување, им ја соопштив одлуката на сопругата Вивијан и на Џорџ Нолт од менаџментот на екипата. Единствената работа што ми ја отежнуваше одлуката на кој било начин е што ја пореметив ситуацијата вомоето тркачко семејство, но тие го разбираат тоа“, наведе Розберг.
Тој напиша дека сега ќе ужива во моментот, како и тоа дека дополнително ќе одлучи со што ќе се занимава.