Училиштата се подготвени за новата учебна година која започнува утре, а ќе се одвива со физичко присуство и под утврдени здравствени протоколи. Фокусот е ставен на квалитетна и безбедна настава.
Министерката за образование и наука Мила Царовска вчера истакна дека нема дискусии за менување на моделот на наставата за кој одлучува Комисијата за заразни болести. Исклучок е, вели, направен по однос на барањето на локалниот Координативен штаб на Тетово за преминување на онлајн настава за првите две недели од учебната година во тамошните средни училишта поради епидемиолошката состојба.
„Комисијата за заразни болести утврди дека може да одат со онлајн настава, само заради оптеретувањето на болницата, не заради други параметри што укажува на тоа дека денеска нема да се дискутира за промена на моделот во средните училишта, туку за почетокот на учебната година, рече Царовска, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на ООУ „Никола Карев“ во Пробиштип и во пресрет на средбата со директорите на средните училишта во државата.