Инциденција – е зборот за кој веќе сите во Германија знаат што значи: бројот на новозаразени со корона вирус во последните седум дена на 100.000 жители. Ако тој број изнесува 50 или повеќе на сила стапуваат ограничувања. Се контролираат собирања на луѓе, а на продавниците, рестораните и кината повторно им се заканува затворање. Така вели законот, пишува Дојче Веле.
Но, инциденцијата вече нема да биде пресуден критериум за воведување мерки. Оваа недела на состанокот на министри задолжени за борба против пандемијата, Јенс Спах беше задолжен за изработка на ново законско решение, и тоа – ако е можно – пред парламентарните избори закажани на 26 септември годинава.
Тој сака што поскоро да воведе систем кој ќе се споредува со бројот на корона пациентите кои се лечат во болниците. Во изјавата за германскиот јавен сервис АРД министерот рече дека инциденцијата е и понатаму важна, но дека времето на тој критериум минало затоа што во Германија голем број луѓе се вакцинирани. На прашањето дали есенва ќе се воведе нов „локдаун“ Спах одговори: „Сигурно нема да има ‘локдаун’ за вакцинираните и оние кои ја прележаа короната.“
Добри вести за граѓаните, и тоа среде предизборната кампања. Но, бројот на новите инфекции вече наголемо расте заради високозаразниот делта вид на вирусот. Просечната инциденција во Германија изнесува 58, а во најнаселената германска покраина, Северна Рајна Вестфалија, веќе прејде стотина.
Овој тренд го загрижува лекарот Јанош Дахман, здравствен експерт во опозициската партија на Зелените во германскиот парламент.
„Тешко е да се спротивставите на впечатокот дека тука помалку се работи на заштитата на здравјето, а повеќе на помагање на кампањата на премиерот на Северна Рајна Вестфалија, Армин Лашет, кој се кандидираше за канцелар, и во чија покраина пандемијата е надвор од контрола“, вели тој за Дојче Веле.
Коментирајќи ја одлуката да се отстапи од критериумот од 50 новозаразени неделно, Дахмен додава дека тој потег на владата делува „недопечено“.
„Не е јасно која улога ќе ја игра инциденцијата во иднина. Исто така не е јасно која ќе биде границата на бројот на заразени со корона во болниците“, вели овој политичар.
Во германските болници моментно се наоѓаат само 1,3 корона пациенти на 100.000 жители. Иако и вакцинираните лица можат да се заразат со вирусот, болеста кај нив е обично блага, па тие ретко мораат во болница.
Германските социјалдемократи (СПД) исто така ја поддржаа одлуката за укинување на критериумот – инциденција, но не сакаат министерот Спах да ја собере сета слава. Особено не сега кога стасуваат изборите.
Парламентарниот застапник на СПД, Дирк Вајс, се пожали во разговорот за порталот „Т-онлајн“ дека нивните коалициски партнери од ЦДУ/ЦСУ „упорно ги одбиваат предлозите на СПД да се отфрли критериумот – инциденција“ и така да се заштеди на време за да може законот да се промени во редовна постапка.
Значи, новиот курс на владата е следен: вакцинираните и оние кои ја поминале короната слободно ќе можат во ресторани, кафетерии, кина, базени и теретани. А, оние кои не се вакцинирани ќе мораат и понатаму да се тестираат, а од 11 октомври тие тестови ќе мораат и сами да ги плаќаат. Така вели Армин Лашет, кандидатот на конзервативците, кој се надева дека ќе ја наследи Ангела Меркел.
„Поаѓам од тоа дека вакцинираните ќе продолжат да напредуваат, дека нема да има ограничувања за нив и дека пред се нема да има ‘локдаун’“, рече Лашет за германски „Билд“.
Има и од оние кои ситуацијата ја гледаат малку поинаку, како што е претседателот на Здружението на домашни лекари во Берлин и Бранденбург, Волфганг Крејшер. Тој вели дека властите и понатаму треба да ја држат инциденцијата на око.
„Но, на политичарите им се потребни аргументи за да избегнат нов ‘локдаун’, и тоа можам да го разберам“, вели овој лекар за Дојче Веле.
Повеќе од 59 проценти од населението во Германија веќе прими потполна заштита од зараза со корона вирус – значи проблемот е во оние другите 40 отсто.
„Кога толку луѓе се незаштитени, инциденцијата од околу 200 веќе би била знак за тревога“, предупредува Крајшер. Но, вели, дека би требало да се зголеми притисокот на оние кои ја одбегнуваат вакцинацијата.
А, министерот за здравство предупредува дека и понатаму за сите важат три клучни правила: маски, дистанца и хигиена. Но, што е поголем бројот на вакцинирани, во Германија ги има се повеќе оние кои стануваат невнимателни – а тоа допринесува за пораст на бројот на заразени, пишува Дојче Веле.
(Фото: АФП)