Израелската воена авијација изведе рано утринава серија масивни воздушни удари на повеќе локации во Газа, само неколку часа откако премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху најави нова, четврта војна со Хамас.
Во утринскиов, десетминутен напад било стрелано на цели на широкото градско подрачје на Газа. Во акцијата која траела подолго од вчерашната и е најсмртоносна до сега загинаа 42 Палестинци и, според податоците од извештаите на новинската агенција АП, три повеќекатници биле срамнети со земја.
Од израелската војска соопштуваат дека нападите биле изведени на суспектни престојувалишта на деветмина заповедници на Хамас ширум газа, но за сега нема податоци за бројот на жртви и материјална штета.
Локалните медиуми пренесуваат дека во денешниов удар на мета на израелските ракети и бомби биле и главните крајбрежни сообраќајници во западните делови на градот и зградите на безбедносните служби, а од локалната електродистрибуција, пак, соопштуваат дека е оштетен далекувод од една електрана која го снабдува со електрична енергија поголемиот дел од Газа.
Во вчерашното телевизиско обраќање на нацијата, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави продолжување на воздушните напади „со полна сила, затоа што Израел има намери на Хамас да му наплати висока цена“, а поддршка доби и од својот политички ривал, министерот за одбрана на Израел, Бени Ганц.
Припадниците на Хамас, исто така, продолжија со ракетирање на населени места во Израел, лансирајќи проектили од градски квартови во Газа.
Една ракета на Хамас погоди синагога во градот Ашкелон на југот на Израел, само неколку часа пред вечерната служба по повод празникот Шавут, но нема повредени, потврдени е од службата за вонредна состојба.
Во вчерашните воздушни напади на израелската воена авијација на станбени квартови цели семејства останаа затрупани во рушевините, а прашина, стакло и делови од згради ги покрија улиците во Газа.
Палестински извори од Газа, вчера доцна навечер, соопштија дека бројот на настрадани цивили после една недела од судирот со Израел достигна 197 и дека меѓу нив има 58 малолетници и 34 жени.
Повеќе од 250 ранети граѓани од Газа се евакуирани во Египет на лечење и заздравување од повреди, потврдија за “Тајмс оф Израел“ палестински медицински официјални лица.
Според официјални податоци во вчерашните израелски напади загинаа вкупно 42 лица, а меѓу нив биле дури десет деца, пренесе Ројтерс.