Француските власти се заканија дека на британските бродови ќе им забранат влез во нивните пристаништа, ако под итно не го издадат договорениот број дозволи на француските рибари за лов во британските води околу островот Џерзи, согласно со договорот за „Брегзит“.
На властите во Лондон даден им е рок до сабота.
Во Париз истакнуваат дека до сега се издадени 200 дозволи, а дека очекуваат уште 244. Според договорот, француските рибари треба на британските власти да им ги достават претходно дневните листи за рибарење кои се обврзани да ги водат, за да се потврди дека навистина таму ловеле.
Французите одговараат дека Британците во се нешто бараат проблем, затоа што рибарите секогаш не воделе прецизна евиденција.
Многу од нив живеат од риболов во овие води. Британците извезуваат 28 отсто од својот улов на Франција и забраната за пристапување на бродовите до францускиот брег би им нанела голема штета.
Од Лондон најавуваат контрамерки, а од Париз порачуваат дека следните потези се поскапување на струјата на британскиот автономен остров Џерзи во Ла Манш, а после тоа, и селективно исклучување на електричната енергија.
(Фото: АП)