За поголемиот број на делови од Нов Зеланд ќе се укине карантинот, затоа што бројот на заразени со ковид-19 и понатаму паѓа, објави денеска премиерката Џасинда Ардерн.
Нов Зеланд пријави 20 нови случаи локално пренесени зарази минатиот понеделник, а жариштето е откриено во Аукленд. Таму имаше регистрирано вкупно 821 случај на заболени со корона вирус.
Во државата беше воведен строг карантин неколку часови откако беше откриен еден случај, на 18 август, и веднаш беа затворени сите училишта и фирмите кои не беа нужни.
Ардерн рече дека од среда ќе се ублажат ограничувањата за поголемиот дел од државата.
„Ова е доказ за тешката работа на сите нас“, изјави премиерката.
Меѓутоа во земјата и понатаму мораат да се почитуваат правилата како што се задолжително носење маски во затворен простор и ограничување на собирања на 50 лица во затворен и на 100 лица на отворено.
„Делта ги промени правилата на игра, па ако сакаме да ја поразиме, и ние мораме да го смениме планот на игра“, истакна Ардерн зборувајќи за новата варијанта на ковид-19.
„Толку добро работевме за да ја ставиме епидемијата под контрола… на повидок е елиминација, но не смееме да ја испуштиме топката“, рече таа.
Аукленд и околината, жариштето на избувнувањето на заразата, ќе остане во строг карантин, а ограничувањата во градот ќе бидат разгледувани на 13 септември.
Тоа е прв национален локдаун во Нов Зеланд од март 2020 година, во кој цела земја шест недели беше на највисока стапка на ограничување.
Земјата со популација од 5 милиони жители, пријави околу 3.400 случаи со ковид-19 од почетокот на пандемијата и 27 починати.
(Фото: АФП)