Техничката советодавна група за еволуција на вирусот САРС-КоВ-2 (ТАГ-ВЕ) е независна група експерти која периодично ја следи и оценува еволуцијата на вирусот САРС-КоВ-2 и проценува дали одредени мутации и комбинации на мутации го менуваат однесувањето на вирусот.
Варијантата Б.1.1.529 е првпат пријавена во Светската здравствена организација на 24 ноември годинава и е од примерок земен на 9 ноември во Јужна Африка.
Оваа варијанта има голем број мутации, а некои од нив се многу загрижувачки. Прелиминарните докази укажуваат на зголемен ризик од повторни инфекции од оваа варијанта, во споредба со други видови, стои во официјалното соопштение на Светската здравствена организација.
Се чини дека бројот на случаи од оваа варијанта се зголемува во речиси сите провинции во Јужна Африка.
„Во тек се бројни студии и ТАГ-ВЕ ќе продолжи да ја проценува оваа варијанта“, информираат од СЗО и додаваат дека организацијата ќе соопштува за нови наоди на државите членки и на јавноста по потреба.
Врз основа на претставените докази клои укажуваат на штетна промена во епидемиологијата со ковид-19, ТАГ-ВЕ ја советуваше здравствената организација дека оваа варијанта треба да се означи како Б.1.1.529-ВОЦ, под името „Омикрон“.
(Фото: ЕПА)