Цените на нафтата утринава скокнаа за повеќе од 4 отсто, бидејќи трговците стравуваат од прекини во снабдувањето со нафта од Русија.
Цената на барелот на лондонскиот пазар порасна за 4,43 отсто, на 109,62 долари, а во еден момент достигна 111,09 долари, ново највисоко ниво во повеќе од седум години.
На американскиот пазар барелот поскапе за 4,48 отсто на 108,04 долари.
А, на девизните пазари, вредноста на доларот во однос на кошницата валути се зголеми бидејќи инвеститорите се повлекуваат од пазарот на капитал и вложуваат во инвестиции и валути кои се сметаат за побезбедно засолниште за капиталот во неизвесни времиња.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест главни светски валути, се движи околу 97,43 поени, додека вчера во ова време беше 96,80 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската јен се лизна од вчерашните 115,15 на 115,05 јени.
Но, американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1.111 долари, додека вчера во овој момент беше 1.200 долари.
На повеќето азиски берзи цените на акциите паднаа, при што цената на барел нафта на лондонскиот пазар достигна 110 долари, додека инвеститорите проценуваат дека војната во Украина и санкциите против Русија ќе се одразат на светската економија и финансискиот систем.
Азиско-пацифичкиот берзански индекс МСЦИ (MSCI), без Јапонија, околу 7 часот беше во минус за 0,5 отсто.
Притоа, на токиската берза индексот Никеи (Nikkei) ослабе за 1,6 отсто, додека цените на акциите во Шангај и Хонг Конг паднаа меѓу 0,3 и 1 отсто. Меѓутоа, во Јужна Кореја и Австралија тие се зголемија меѓу 0,2 и 0,5 отсто.
Како што се интензивираат нападите на руските војници врз украинските градови, западните санкции против Русија се заоструваат.
Инвеститорите проценуваат дека продолжувањето на војната во Украина и санкциите може да се одразат на финансиските пазари и на глобалната економија.
Голем број големи западни компании најавија суспензија, па дури и целосно излегување од бизнисот во Русија.
„Руско-украинската војна веројатно ќе биде доминантна тема на пазарите во догледна иднина. Вчерашната вест дека Русија нема да ги исплати доспеаните државни обврзници на странските инвеститори дополнително ги насочи инвеститорите кон побезбедни засолништа за капитал“, велат аналитичарите на ИНГ (ING) во својот осврт за состојбата на берзите.
Азиските пазари се, исто така, лошо погодени од вчерашниот пад на цените на акциите на Волстрит за повеќе од 1,5 отсто.
„Инвеститорите пливаат во водите на стравот и не знаат како да ги вклучат овие геополитички вести во своите модели за проценка на ризикот и вредноста. Се работи за чист емотивен одговор од инвеститорите“, рече Мајк Зигмонт, директор во компанијата „Харвест Волатилити Менаџмент“ (Harvest Volatility Management).
Инвеститорите ги загрижува и ризикот од натамошно зголемување на инфлацијата поради растот на цените на енергенсите, што може да ги наведе централните банки да ја заострат монетарната политика. А, тоа би го забавило растот на глобалната економија.
(Фото: ЕПА)