Уште еден бизарен тренд се појави деновиве на социјалната мрежа ТикТок, каде што млади момчиња и девојки користат мали магнети кои ги ставаат на јазик, за да изгледа дека имаат пирсинг.
Предупредувања за родителите стигнаа од различни страни, затоа што две деца на 11 и 13 години завршија на операција, после голтањето на магнетите, а едно од нив е сеуште во критична состојба.
Единаесетгодишниот Елис Трип од Велика Британија е лоша здравствена состојба откако случајно голтнал пет мали магнетни куглички пробувајќи го новиот ТикТок тренд. Операцијата траела дури шест часа, лекарите во прв момент помислиле дека имал проблеми со слепо црево.
Дека станува збор за магнет, сфатиле при прегледот кога кугличките заради магнетизмот се залепиле за хируршката опрема. Бил префрлен во детската болница во Бирмингем каде што му биле направени две големи операции.
Лекарите рекле дека тој е петто дете кое било донесено во болница во последните седум дена заради магнетни куглички во телото.
Неговата мајка, Ејмо Кларк, на Фејсбук напишала предупредување и молба родителите да не чуваат дома такви опасни куглички.
„Ова е ноќна мора. Овој ТикТок тренд можеше да го убие ако магнетите останеа подолго во него. Ве молам разговарајте со своите деца и кажете им колку се опасни овие работи. Смртоносни се ако се проголтаат. Ги има и во училиштата и во градинките. Уништете ги!“, напиша таа.
Не е познато како Енис стасал до нив, затоа што, како што вели неговото семејство, такви куглички немаат дома, а детето нема ниту профил на ТикТок.
Сју Дејвис, директорка на болницата во Бирмингем, вели дека телото на детето се бори против инфекции.
„Тој е многу, многу лошо. Две големи операции за само неколку денови не се добри за кого било, а не пак за дете. Загрижена сум. Никогаш не сме помислиле дека вакво нешто може воопшто да се случи, овие мали куглички нанесоа голема штета“, изјави таа и додаде дека Елис сеуште се бори за живот.
Забележан е пораст на приеми на млади момчиња и девојки во болниците, затоа што многу учествувале во овој тренд, а Националната здравствена служба побара забрана за продажба на магнети.