Општина Виница го почна проектот за реконструкција на водоводната мрежа на неколку улици во централното градско подрачје, за што од сопствениот буџет обезбеди околу 3,5 милиони денари во нето износ.
Во тек е постапката за избор на изведувач на градежните работи, при што предвидено е да се изврши целосна промена на главната водоводна инсталација на улиците „Плачковички одред“, „Раде Кончар“, „Кочо Рацин“, „Пролетерска“ и „Ѓорче Петров“.
„Со реконструкцијата се заменуваат старите азбестни со нови полиетиленски цевки во вкупна должина од 1,2 километри. Со завршувањето на реконструкцијата ќе се отстранат причините за честите дефекти и прекините во водоснабдувањето на жителите од овој дел на градот. Практично, комплетирањето на овој проект ќе значи замена на околу 98 отсто од вкупната водоводна мрежа во Виница“, истакна градоначалникот Ивица Димитров.
Паралелно со реконструкцијата на водоводот, локалната самоуправа на Виница реализираше дел од планираната програма за инвестиции во сообраќајната инфраструктура.
Завршено е полочувањето на дел од улицата „Македонска“ која доби и јавно осветлување и одводни канали за атмосферската вода.
Дополнително, со околу четири милиони денари, обезбедени од Бирото за регионален развој и од општинскиот буџет, асфалтирана е улица од 600 метри во селото Лаки.