„Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер Техада потпишаа Меморандум за соработка за спроведување на Излезната фаза од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП), со што ќе се придонесе кон постигнување на одржливост на резултатите добиени во рамките на ПЗП во изминатите осум години“, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
Времетраењето на Излезната фаза од Програмата за зачувување на природата е три години, а за нејзина реализација се обезбедени средства во висина од 1,9 милиони швајцарски франци од страна на швајцарска Агeнција за развој и соработка.
Координатор на Програмата е Фармахем, а главен корисник на резултатите и партнер е МЖСПП. Главната цел на излезната фаза од ПЗП е да се даде поддршка на телото за управување со заштитениот предел Осоговски Планини, поддршка на иницијативата за прогласување на Малешево за заштитено подрачје, поддршка на НАТУРА 2000 процесот, како и поддршка во развојот и сроведување на шемата за плаќање еко-системски услуги.
Нуредини се заблагодарил за поддршката што Швајцарија ја дава на Министерството преку Програмата за зачувување на природата, посебно истакнувајќи го успехот со прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитен предел што е прва заштита од таков вид во државата, но и за останатите активности кои се реализираат во делот на заштита на природата.
„Ние сме многу задоволни од постигнатите резултати во текот на последните осум години од спроведувањето на Програмата за зачувување на природата“, изјави амбасадорката Техада.
Таа истакна дека во спроведувањето на програмите за развој смета дека е исклучително важно да се обезбеди одржливост на постигнатите резултати и спроведените процеси, како и нивно унапредување, а партнерите да можат да ги извршуваат своите должности и задачи самостојно, без поддршка на програмите.
„Во таа смисла, Швајцарија одлучи да ја поддржи последната, т.н. Излезна фаза од Програмата за зачувување на природата“, рече Техада.