Бигорската обител пред престојните празници објави ставови во врска со т.н.бадниково гранче.
Од таму наведуваат дека во народната традиција, празнувањето на христијанските празници е секогаш проследено со разни обичаи и обреди, нешто што е сосема вообичаено и природно.
„Сите тие второстепени нешта донекаде придонесуваат на празниците да им се даде поголемо значење и да се привлече човечкото внимание. Меѓутоа, важно е да се напомене дека Христијаните во никој случај не треба да ја напуштат или запостават суштината на самиот празник, или споменот на светецот кој се чествува, за сметка на тие попатни народни обичаи, ниту, пак, на нив да им придаваат некакво посебно значење, особено не теолошко“, додаваат од Бигорски.
Посочуваат дека за жал, гледаме дека во „нашето општество и поконкретно во медиумите, се случува токму спротивното“.
„Наместо да се искористи можноста за повнимателно изложување на суштинското значење на одреден празник, преголемо внимание им се посветува токму на тие етнолошки, фолклорни и во најголем дел неопагански моменти, така што сосема се занемарува и потиснува христијанскиот карактер на празнувањето“, стои во објавата.
Бидејќи се наоѓаме во периодот на Божиќните празнувања, како пример за горе посоченото се наведува т.н. „бадниково“ гранче. Од таму сметаат дека имаат за потреба да објаснат дека тука „не станува збор на некаков суштински христијански обичај, туку за реанимација на едно старо паганско верување“.
Во Македонија, посочуваат од Бигорскиот манастир, обредот со палењето на дабовите гранки за Божик никогаш не бил присутен и народно прифатен.
„Сметаме дека ни е должност да апелираме до Христијаните, во очи на празникот на светлото Рождество Христово, да не се занимаваат непотребно со вакви сосема безначајни и туѓи за нашата почва неопагански и идолопоклонички обичаи, туку да се сосредоточат на убавината и возвишената порака од доаѓањето во плот на беспочетното Слово Божјо; очистени преку постот и светата тајна покајание и исповед, да појдат во храмовите за Божикната ноќ и да станат учесници на Царската трпеза, каде како храна е принесено Христовото тело и како питие – Неговата чесна крв, та вкусувајќи од нив, да станат причесници на ангелската радост и славословие во Рождественската ноќ над Витлеем“, стои во објавата на Бигорскиот манастир.
(Извор: МИА)