Поради пандемијата на коронавирус, бројот на луѓе во светот на кои им е потребна хуманитарна помош за да преживеат достигна нов рекорд, соопшти денеска ООН, истакнувајќи дека екстремната сиромаштија драматично се зголеми за само една година.
На едно од 33 лица ќе му биде потребна помош за да ги задоволи основните потреби како што се храна, вода и санитарни услови во 2021 година, што е зголемување за 40 проценти оваа година, се вели во глобалниот хуманитарен извештај на ОН.
Тоа значи дека на 235 милиони луѓе ширум светот им е потребна помош, претежно во Сирија, Јемен, Авганистан, Демократска Република Конго и Етиопија, се вели во извештајот.
– На кризата не и се наѕира крајот, рече генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш. – Во буџетот за хуманитарна помош недостасуваат сè повеќе пари како што се влошува глобалната пандемија, се додава во соопштението од Гутереш.
Државите дадоа рекордни 17 милијарди долари во 2020 година за заеднички хуманитарен одговор, опфаќајќи 70 проценти од луѓето кои имаат потреба, што е зголемување за шест проценти во споредба со 2019 година, се вели во извештајот.
Но, ОН предупредија дека собрале помалку од половина од 35 милијарди долари потребни за борба против раширениот глад, борба против сиромаштијата и задржување на децата во училиштата и ги повика побогатите земји да дадат паричен придонес.
– Богатиот свет сега може да ја види светлината на крајот од тунело, изјави претставникот на ОН за хуманитарни активности, Марк Лоукок. – Тоа не важи за најсиромашните земји, додаде тој.