Најмалку 64 цивили загинаа, а повеќе од 160.000 ги напуштија своите домови откако руските сили ја нападнаа Украина оваа недела, соопшти хуманитарната агенција на Обединетите нации.
„До 5 часот наутро на 26 февруари Канцеларија за човекови права на ОН, ОДХР, извести за најмалку 240 цивилни жртви, вклучително и најмалку 64 мртви“, се вели во извештајот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (ОСНА).
Се додава дека вистинските бројки веројатно ќе бидат „значително повисоки“.
Заради оштетување на цивилната инфраструктура стотици илјади луѓе останаа без струја и вода, а стотици куќи се оштетени или целосно уништени.
Повеќе мостови и патишта се погодени од гранатирање, па некои населби се отсечени, се вели во соопштението. Тие ја цитираат агенцијата за бегалци на ОН, која вели дека повеќе од 160.000 луѓе се внатрешно раселени, а повеќе од 116.000 биле принудени да избегаат во соседните земји.
„Агенциите на ОН и хуманитарните партнери беа принудени да ги прекинат операциите поради влошената безбедносна ситуација“, соопшти ОСХА, додавајќи дека ОН и партнерите остануваат присутни низ целата земја и посветени на тоа да останат на теренот и да одговорат на се поголемите хуманитарни потреби.
(Фото: ЕПА)