Меѓународна изложба „Flux Identity“ е отворена во просториите на Чифте Амам и ќе биде поставена до 26 февруари. За идентитетот низ призмата на уметнички контекст на претставување на изложбата говорат уметниците од земјите од регионот и други европски земји кои живеат и творат во Канада.
На отворањето на изложбата директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими, им се заблагодари на Канадската амбасада и на невладината организација „Визарт“ од Нови Сад, Србија, со чија соработка се реализира оваа изложба.Особена благодарност изразила кон Анета Пешева, почесен конзул на Канада. Директорката истакнала дека соработката со Амбасадата е долгогодишна и особено задоволство претставува секој нареден проект на културното вмрежување на двете земји.
–Прашањето за идентитетот е прашање на самата суштина на човекот. Тоа е неговата врска со минатото, сегашноста и со предвидувањето на иднината. Поради својата важност, темата за идентитетот се најде во центарот на уметничкото истражување на уметниците собрани на изложбата, соопштија од Националната галерија.
Од галеријата посочуваат дека авторот на проектот и куратор, Светлана Младенов од „Визарт“ – Нови Сад, на изложбата говореше за идентитетот разбран во поширока смисла, со многу паралелни слоеви, зашто денес идентитетот повеќе не се препознава како единечен туку постојано е во процес на промена и трансформација.
Таа споделила дека овој проект веќе е реализиран во Србија, во моментов се претставува пред македонската публика, а наредна дестинација според програмата ќе биде Црна Гора. Таа им се заблагодарила на сите што зедоа учество во реализацијата на изложбата.
МИА