Белата куќа изрази разочарување со одлуката на американскиот Врховен суд да не ги сослуша аргументите на администрацијата на претседателот Барак Обама во настојувањата да го спаси планот со кој милиони илегални емигранти би биле поштедени од депортација, пренесува Ројтерс.
Според планот на Обама, околу четири милиони луѓе кои илегално живеат во САД најмалку од 2010 година, немаат криминално досие и имаат деца кои се американски државјани или имаат законско стално престојувалиште, би биле заштитени од депортирање и би добиле работни дозволи.
Врховниот суд кон крајот на јуни годинава беше поделен на четири гласа „за“ и четири „против“, поради што на сила останува пресудата од понискиот суд од 2015 година кој ја отфрли извршната уредба. Со оваа пресуда Врховниот суд потврди дека Обама ги пречекорил своите овластувања со еднострана одлука со која се обиде да го заобиколи Конгресот во кој повеќето се републиканци.
Портпаролот на Белата куќа, Џош Еарнест, најновата одлука на судот ја искоментира со зборовите: „Што се однесува до имплементацијата на емигрантската политика, практични последици нема, а тоа е, се разбира, меч со две острици“.
Проценките се дека во САД престојуваат околу 11 милиони илегални емигранти.