Цената на гасот во Европа за време на денешното утринско тргување на лондонската берза ИЦЕ (ICE) падна под 1.300 долари за илјада кубни метри.
Цената на јануарските фјучерси за европскиот референтен центар ТТФ (TTF) во Холандија падна на 1.253 долари за илјада кубни метри, или 107 евра за мегават-час, врз основа на тековниот курс евро/долар.
Вкупниот пад на цените на берзата од почетокот на денот изнесува 19 отсто.
Берзанската цена на гасот во Европа на 21 декември за прв пат во историјата надмина 2.000 долари за илјада кубни метри, а тоа се објаснуваше со претстојното студено време во комбинација со, за овој период од годината, невообичаено ниските резерви на гас во европските подземни складишта.
Аналитичарите забележуваат дека цената на фјучерсите на центарот ТТФ (TTF) е многу нестабилна поради шпекулативни фактори и не ја одразува вистинската цена на физичките резерви. Така, просечната извозна цена што ја наплаќа руски „Газпром“ оваа година е 280 долари за илјада кубни метри. Но, таа цена важи само за клиенти со порано направени договори.