Американската економија забави во третото тримесечје под притисок на континуираното ширење на заразата од корона вирус и истовременото намалување на владините потпори кое влијаеше на личната потрошувачка, процени Министерството за трговија на Соединетите Американски Држави.
Американскиот Бруто домашен производ (БДП) во третото тримесечје порасна за 0,5 отсто во однос на претходните три месеци кога активностите беа зголемени за 1,6 отсто. На годишно ниво БДП-то во третото тримесечје порасна за 4,9 отсто, после 12,2 отстотниот скок во вториот квартал кој го одразува намалувањето на активностите во пролетта минатата година, на почетокот на пандемијата.
Годишната стапка на раст, која освен САД ја користат уште само Јапонија и Канада, а покажува колку економијата би пораснала наназад 12 месеци ако во секое тримесечје растела со исто темпо како во последните три месеци, во третиот квартал изнесуваше два отсто. Во второто тримесечје таа беше 6,7 отсто.
„Растот на БДП-то во третото тримесечје го одразува континуираното влијание на пандемијата со ковид-19 на економијата, со оглед на тоа дека значителниот раст на случаите со ковид-19 резултираше со нови ограничувања и со одложено отварање на фирмите во некои делови од земјата“, информираа од Министерството за трговија.
Владата, пак, ја намали помошта за домаќинствата, компаниите и на телата на државните и локалните управи и социјалната помош, забележуваат од министерството. Така растот на БДП-то забави во третото тримесечје, истакнуваат, најнапред заради слабата лична потрошувачка, напоменувајќи дека Американците помалку трошеле на моторни возила и делови и на услуги за послужување на храна и сместување.