Семејното насилство е „речиси сатански“ чин, оцени папата Фрањо во интервју за италијанската телевизија, инсистирајќи на достоинството на жртвите чиј број е зголемен по пандемијата.
„Толку многу жени биле малтретирани, злоставувани и претепувани во нивните домови, дури и од рацете на нивните сопрузи“, рече Папата во специјалната емисија емитувана вчеравечер на ТГ5, водејќи разговор со четири жртви на насилство.
„Тоа е проблем кој, во моите очи, е речиси сатанистички, бидејќи значи искористување на слабоста на некој кој не може да се одбрани“, додаде Папата во емисијата насловена како „Фрањо и невидливите“.
„Можеме само да ги блокираме ударите. Тоа е понижувачко, многу понижувачко“, додаде Папата за време на разговорот со мајка – жртва на насилство, која морала да побегне со своите деца.
„Но, гледам многу достоинство во вас, бидејќи ако го изгубите своето достоинство, немаше да ве биде“, додаде тој.
Бројот на случаи на семејно насилство е во пораст поради пандемиите и честите затварања.
Од јануари досега во Италија, според информации од тамошното Министерство за внатрешни работи, биле убиени 112 жени, а во повеќе од 50 отсто од тие случаи ги убил нивниот сегашен или поранешен сопруг или партнер.
Папата, кој во петокот го прослави својот 85-ти роденден, во повеќе наврати зазема став против насилството врз жените, за кое рече дека во 2020 година било „сквернавење“.
„Секое насилство врз жените е сквернавење на Господ, роден од жена“, предупреди Папата.