Дел од компаниите што увезувале јужно овошје во нашата држава намерно имале шпекулативен однос кон пазарот и тие артикли не ги појавувале со цел цената да се зголеми, појасни директорот на Државен пазарен инспекторат Стојко Пауновски,
одговарајќи на новинарско прашање за високите цени во маркетите, наспроти владината одлука за најголемата маржа што може да ја применуваат на јужното овошје.
Пауновски напомена дека вршат контроли кај големите трговци со јужно овошје за да ги видат залихите што ги имале, а што набавувале после 11 март, за да се утврди најголемата маржа што можат да ја користат.
„Верувам дека лимоните ќе бидат поскапи, но нема да бидат овие цени како денеска. Ако имале разлика во цена од 1 јануари до 11 март – 20 до 25 проценти, нивото на маржа ќе мора да го вратат на тоа ниво“, изјави Пауновски.
Според Пауновски во најголем број случаи се почитува одлуката на Владата и во маркетите цените се вратени на ниво на 11 март годинава.
„Во случаи кога цените не се вратени, со наредба на Државниот пазарен инспекторат цените се враќаат, и на рафтовите, и во книговодството и во фискалниот апарат“, рече Пауновски.
Тој нагласи дека има јавувања од граѓани на бројот 191, главно од поодалечени населени места со поплака за зголемување на цените на основните артикли.
„Нашите инспектори и таму постапуваат. Трговците кои што нема да извршат намалување, односно корегирање на цената со 11 март, ќе бидат санкционирани, а казните се големи. Согласно Законот за трговија изнесуваат 8 илјади евра за правно лице и 2.400 евра за одговорното лице. Затоа апелирам да се почитуваат одлуките и да ги вратат цените“, потенцираше Пауновски.