„Мојот став е дека ако има нови докази, кои порано не биле познати може да го преотвори процесот, не значи дека заговарам преотворање на процесот. Јас само ја цитирам одредбата од Законот и законската можност, според која тие луѓе преку своите адвокати, по вонреден правен лек, можат да побараат од Врховниот суд да ги оцени новите докази, се разбира, ако такви воопшто постојат. И одлуката дали процесот ќе биде повторен сигурно нема да ја носи некој политички фактор, туку судот“, изјави претседателот Стево Пендаровски за случајот „27 април“, по средбата со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Со оваа негова теза, потенцираше тој, не правел ревизија на судската пресуда.
„Само зборувам за обидите за политичко толкување на пресудите, што не придонесува за воспоставување нормална политичка дебата во која нема да се гледаме како смртни непријатели“, рече Пендаровски.
На средбата го повторил ставот дека помилување за лица кои направиле кривично дело без преседан во современа Европа не доаѓа предвид, затоа што нивната вина во тој процес била неспорно утврдена.
„Упадот во Собрание е терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а не кривично дело – тероризам. Не можам и не сакам да одам надвор од судската формулација, но она што мене ме интересира е граѓанското помирување и неговата улога да помогне „луѓето да не се гледаат преку нишан“.
Според Пендаровски
„Факт е дека тие лица не беа судени за кривично дело тероризам, туку под друг член за терористичко загрозување на уставниот поредок. Дејствијата со кои може да се изврши тоа кривично дело се слични, запретената казна идентично најмалку десет години. За 27 април, паметите, постои пресуда за група луѓе кои беа дел од истата толпа која влезе во Собранието и го претепа Зијадин Села. Ако се следи правната квалификација на таа пресуда, а не политички интерпретации на пресудите, тие луѓе беа судени, со право добија високи казни, но не беа судени за кривично дело тероризам, туку за убиство во обид. Или, на пример, случајот со напаѓачот на пратеничката тогаш Радмила Шекеринска. Тие сцени кои не шокираа нас и светот, кој беше исто така дел од луѓето кои влегоа во Парламентот, и кој не беше суден за
тероризам, туку за кривично дело насилство. Значи, накусо, да се разбереме, сите овие споменати направија страшни кривични дела. Оставија тешки последици и трауми и кај нападнатите и кај нивните семејства. Добија заслужени казни, казни според она што го знаеме од претходните процедури кои завршија и тука нема компромис. Меѓутоа политичката реторика, во која и тогаш и денес тие пресуди беа
врамувани, објаснувани, интерпетирани, според мене дополнтелно го продлабочува јазот меѓу граѓаните. Според едната група, според едното образложение, тие се терористи од рангот Ал Каеда, ИСИС, а според другата се уставобранители иако се судени за загрозување на уставниот поредок“, рече Пендаровски.
Неговата теза е, рече, дека ако продолжиме со вака крајно спротивставена политичка реторика, „ние не само што нема да дојдеме до национално или граѓасконо помирување, туку нема да можеме да воспоставиме базична политичка комуникација меѓу нас како што за жал е сега ситуацијата“.
Задоволен е што се одмрзанати односите со ВМРО-ДПМНЕ, кои не комуницираа со претседателот откако по изборите тој му го додели мандатот на Зоран Заев. Рече дека изминатите 10 месеци биле изгубено време, но дека сепак е подобро толку отколку три години.
Се надева дека оваа средба со Мицкоски нема да значи замрзнување на односите со премиерот Заев со кого, како што рече во одговор на новинарско прашање, за утре има договорено куса средба за да разменат мислења за тековни теми.
Мицкоски: Не барам амнестија или милост, туку правда
„Најдовме разбирање“, изјави лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски по денешната средба со претседателот Стево Пендаровски и потенцира дека не бараат амнестија или милост, туку правда за осудените за „27 Април“.
Мицкоски појасни дека обвинение за терористичко загрозување на уставниот поредок поради непостапување е драконско и треба да ја добијат пресудата од втор степен за да имаат право на вонреден правен лек и врз основа на новите докази што бранителите ги поседуваат, подвлече, да бараат правда од трет степен како што е Врховниот суд или пред Европскиот суд за човекови права. Се осврна на случаите „Монструм“ и „Сопот“, кои, како што рече, поради една изјава на Зоран Заев кога бил во опозиција во која кажува дека тие не се сторители, да започне од почеток.
„Не гледам причина зошто овие т.н. теористи според Кацарска и Зоран Заев, врз освнова на новите докази што ги поседуваат нивните бранители овој случај да го отпочнат отпочеток и да докажат дека не се терористи, но се луѓе кои направиле грешка, сториле прекршување на законот и ќе одговараат за тоа прекршување“
Христијан Мицкоски
„Она кое што е реалност, поврзана со тој случај е дека основното човеково и уставно загарантирано право на жалба и второстепена судска одлука на лицата коишто се осудени поради настаните од 27 април, во моментот е завршена, и за жал најголемиот дел од нив се уште ја немаат таа одлука добиено, за да можат понатаму да ја искористат вонредната, вонреден правен лек, односно да можат понатаму врз основа на новите докази, коишто според моите информации, ги имаат адвокатските тимови на овие лица да ги достават до Врховниот суд или пак до Европскиот суд за човекови права“, рече лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.
Мицкоски потенцира дека очекува политичарите да ги држат настрана рацете од обвиненијата и од судските одлуки, да се ослободи обивнителството и судството од каков било политички притисок, а секој граѓанин да има право на своја одбрана, на жалба, на вонреден правен лек во фер услови. Очекува ова да го потврди и Пендаровски и останатите политичари, пред се врвот на власта.
„Мора да има безусловна правда, ниту сум ги двоел, ниту ќе ги двојам луѓето по името, по нацијата или по верата, ние сме сите граѓани на Македонија и делиме иста судбина. Најсреќен би бил Заев да не влијае на судството, тоа е мојата молба“, рече меѓу другото Мицкоски.
Потврдувајќи дека ВМРО – ДПМНЕ ги одмрзнува односите со претседателот Стево Пендаровски, Мицкоски информира дека по денешните разговори и за евроинтеграциите, за политичка и економска сосотјба, за состојбата со криминалот и корупцијата, за стратешки проекти, за ставот на ВМРО – ДПМНЕ за клиничкиот центар, за инвестирињето во нова гасна централа… , се договориле и понатаму да комуницираат за крупни прашања од интерес на државата и граѓаните.
(Фото: МИА)