Македонска и бугарска делегација на 26 овој месец со заеднички активности во Рим ќе го слават делото на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.
Делегациите на Македонија и на Бугарија предводени од претседателите Стево Пендаровски и Румен Радев, оваа година заедно со бугарски авион, ќе патуваат за Рим.
Радев ќе допатува во Скопје и по кусата средба со Пендаровски на скопскиот аеродром, заедно со група бугарски и македонски новинари ќе отпатуваат за Рим.
Државните делегации на двете земји веќе неколку години заедно оддаваат почит на Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, положувајќи цвеќе кај базиликата „Санта Маџоре“ како и на гробот на свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим и Ватикан.
Македонската и бугарската делегација ќе имаат одвоени средби со поглаварот на Римокатоличката црква, Франциск.
Црковната делегација на МПЦ-ОА, пак, на 24 мај, на Денот на сесловеснките провестители, предводена од владиката Пимен, ќе замине за Рим, каде ќе чиноначалствува со молебен на гробот на Св. Кирил во чест на сесловенските просветители.
Пендаровски и Радев лани ја откажаа посетата на Рим и Ватикан по повод чествувањето на Св. Кирил и Методиј заради влошената состојбата со пандемијата на Ковид-19.
Чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј со различни манифестации се одржува секоја година, а меѓу нив централно место има поклонението на гробот на св. Кирил во базиликата „Св. Климент“ во Рим.
Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на свети Кирил, и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.