Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со претставници на Македонската Медицинска Студентска Асоцијација – ММСА, на која информираа за 71-то Генерално собрание на Интернационалната Федерација на Медицински Студентски Асоцијации – ИФМСА, коешто ќе се одржи од 01 до 07 март 2022 година во Охрид.
Претставниците на ММСА, заблагодарувајќи се за поддршката од претседателот Пендаровски, информираа за важноста и значењето за одржување на овој настан и го запознаа Претседателот со целите и идеите, како и со досегашните достигнувања на нивната организација.
Претседателот Пендаровски посака успешна организација и реализација на најголемиот медицински студентски настан кој ќе се одржи во нашата држава и порача дека вакви настани на кои се дискутира за глобалните здравствени приоритети се повеќе од потребни и корисни за подготовка, како и за директна вклученост на студентите во креирањето и спроведувањето на светските здравствени политики.
На средбата од страна на Македонската Медицинска Студентска Асоцијација – ММСА присуствуваа д-р Онур Дика, претседател на Организациониот комитет и д-р Мишел Наиденов, потпретседател на Организациониот комитет.
Со поддршка на претседателот Пендаровски, организацијата ММСА ја доби кандидатурата да биде домаќин на Генералното собрание на ИФМСА, кое ќе се одржи под мотото: Преживеј.Напредувај.Трансформирај. Градење подобри услови за ранливи жени и адолесценти.
ММСА е најстарата студентска организација на медицинскиот факултет составена од студенти и млади лекари која 75 години успешно спроведува многубројни проекти. Членка е на Интернационалната Федерација на Медицински Студентски Асоцијации – ИФМСА, којашто претставува ќерка организација на Светската Здравствена Организација и која oдржува генерални собранија во март и август секоја година со присуство на околу 1.000 студенти од над 130 земји од светот.