Баба Марта влезе во април. Мраз ги окова полињата низ Европа. Влажниот поларен воздух ги зафати Белгија, Германија, Франција и Холандија. Се спушти дури до северна Африка и земјите од Магреб. Посевите се загрозени, а сето тоа крајно негативно влијае на ширењето на паниката, среде војната во Украина, со страв дека нема да има доволно храна и енергенси.
Негативните температурни рекорди паѓаат еден по друг. Ноќта меѓу неделата и понеделникот во Франција беше соборен рекорд стар 75 години, со измерени дури -9 степени Целзиусови во областа Шампањ, меѓу познатите лозја. Тешко дека овогодинешната берба добро ќе се рангира кај љубителите на виното.
Мразот ги уништува посевите и штотуку процветаните култури. Ниту еден регион не беше поштеден. Загрозени се овошјето, зеленчукот, житариците…
Се уште е рано за биланс бидејќи студот не престанал, враќањето на пролетта се очекува дури за викендот. Но, забележливи се поцрнети пупки на кајсиите, црешите и другите овошки, што не е добар знак.
Многу земјоделци остануваат будни цела ноќ, палат огнови во полињата и меѓу дрвјата за да ја одржат температурата околу нула, за да го спасат родот. Вакви блескави „ѕвездени почви“ се забележливи низ целата земја.
За влакно се избегнати и прекини на струјата. Тоа беше постигнато пред се поради присебноста на граѓаните кои деновиве го испочитуваа повикот на надлежните драстично да се заштеди електрична енергија.
Критично беше ноќта помеѓу неделата и понеделникот, и понеделникот пред пладне, а во е-пошта кај многу Французи стигна порака со која се повикаа да го намалат греењето на 19 степени, да ги спуштат завесите на прозорците за да ја задржат топлината во собите, да избегнуваат користење машини за перење алишта и садови, да ги исклучат сите непотребни светилки, па дури и целосно да ги исклучат од напон телевизорите и компјутерите кои моментално не се во употреба. Молбата за понеделникот утрото беше ручекот да се зготви порано.