Италија ниту денес не го доби името на идниот претседател кој треба да го замени Серџо Матарела, чиј мандат истекува на 3 февруари. Доминираа белите листови и покрај предупредувањата од различни политички структури дека е доста со тактизирање.
Ваквиот исход од третиот ден од гласањето го најавија неколку партии, и покрај френетичноста на лидерската средба, особено во првите два дена. Вчера беа објавени имињата на тројца кандидати од десниот центар, кои практично ги отфрли левиот центар, предводен од претседателот на Демократската партија (ПД), Енрико Лета, кој изјави дека без предрасуди ќе разговара со десниот центар за да се најде решение, затоа што „во интерес на сите е гласањето да заврши до крајот на неделата“.
Денешниот, трет ден, од гласањето, сепак, го одбележа еден вистински куриозитет. Најмногу гласови од сите имиња за кои, по слободен избор, се определија парламентарните гласачи, а без кој било официјален предлог, доби претседателот во заминување Матарела, кој одамна најави дека не прифаќа нов мандат после седум години.
Бидејќи „натпреварот“ кој се игра околу изборот за италијански претседател е многу комплициран за иднината на земјата, пристигна и апел од Европската унија.
„Европа бара стабилен систем во Италија заради разјаснување како ќе бидат поитрошени парите што ги доби за економско закрепнување, што ја подразбира реалноста дека претседателот на Републиката има арбитражна улога, а премиерот е столбот на управувањето“, се наведува во писмото испратено до Парламентот.
Со оглед дека по денешниот трет неуспешен ден ќе следи дијалог меѓу партиите кои до неодамна не комуницираа, останува да видиме што ќе се случи на утрешното гласање, кога од потребното двотретинско мнозинство се преминува на „50 отсто плус еден глас“.
На сцената, освен трите имиња на десниот центар, има уште две, актуелната претседателка на Сенатот, Елизабета Казелати, и Пјерфердинандо Казини, поранешниот претседател на Парламентарното собрание.
Движењето „5 ѕвезди“ го нема името на својот кандидат, но инсистира Марио Драги да остане на премиерската позиција, бидејќи би било голем ризик да го напушти кормилото во овој момент. Има предупредувања дека доколку во одлучувачкиот круг на гласање се внесе името на Марио Драги и уште еден кандидат по договор (ако се постигне), и Драги загуби, тој ќе поднесе оставка од местото премиер. Преведено на јазикот на реалноста, би постоела реална опасност подоцна да не може да се формира Влада со предзнак на национално единство. Со еден збор, состојбата после третиот ден од неуспешното гласање почнува да станува – експлозивна.