Вршителот на должноста директор на МЖ Транспорт Игор Коруноски обезбедил финансии веднаш да се исплати половина од јануарската плата и здравственото осигурување во Македонски железници, но за да им ги префрли парите на вработените ги условува тие да почнат со работа.
Тој денеска им го претставил решението на железничарите кои две недели протестираат со целосна блокада на сообраќајот
Но, како што вели, помала група не се согласила со понуденото.
„Причина за ова нелегално одбивање на работа, бидејќи немаме легално закажан штрајк, беше доцнењето на една плата, јануарската. До овој момент успеавме да обезбедиме половина од платата. Најголем дел од вработените го прифатија ова решение. Една помала група не се согласи со ова понудено решение и се уште немаме решение на проблемот и имаме тотална блокада на железничкиот сообраќај во државава, што е сосема спротивно на сите закони, особено на Законот за железнички систем, изјави Коруноски.
Очекува дека вработените, како што наведе, ќе размислуваат во позитивна насока и оти во текот на утрешниот ден ќе се најде решение и железничкиот сообраќај ќе почне нормално да функционира.
„Се додека не почнат вработените да работат немаме основ за фактуририрање кон Министерството за транспорт и врски, бидејќи буџетот кој е наменет за МЖ Транспорт може да го користиме исклучиво со фактури односно за извршена работа. Ако и понатаму се одбиваат работните задачи ќе се доведе во прашање и февруарската плата. Затоа апелирам до вработените тие да се вратат на извршување на своите работни задачи“, додава Коруноски.
Како што истакна, МЖ допрва ќе ги пресметува штетите од 14-дневниот прекин на товарниот и патнички железнички сообраќај, а огромни се штетите и на македонското стопанство.
„Нашите комитенти веќе реагираат на прекинот на сообраќајот, и се најавени тужби од нив, а во прашање е доведено и нивното функционирање, односно една од компаните може да банкротира заради нашето неработење, затоа што сто проценти од нивната работа е ориентирана преку железницата преку која го добиваат комплетниот дел од суровини“, рече Коруноски.
Железничарите засега остануваат на ставот дека нема да се вратат на работа се додека не ја добијат јануарската плата во целост.
„Засега одлуката е таква. Ние сами ќе донесеме одлука за евентуално прифаќање или не на понуденото во текот на утрешниот ден“, изјави претставникот на иницијативниот одбор за протестот Ѓоко Илиески.