По повод 1050-годишнината од почетокот на покрстувањето на Полска, во Краков на свечена богослужба, со присуство на претседателот Анджеј Дуда, Исус Христос е „устоличен“ за „крал“ кому му е „предадена власта над земјата и народот“, со ветување дека се ќе биде подредено кон „Исусовите закони“.
Документот на Полската католичка црква за „устоличување“ на Исус ќе се чита денес во сите католички цркви ширум Полска.
Митрополитот краковски, кардиналот Станислав Џивиш кој во католичкото светилиште Божјо Милосрдие служеше миса, рече дека „свесно, свечено, колективно признание дека Исус е крал на Полска“, претставува „израз на благодарност на Полјаците за Исусовата верност“ на тој народ.
Учеството на полскиот претседател Анджеј Дуда и премиерката Беата Шидло на церемонијата во Краков и даде ранг повисок од црквениот, а пред светилиштето на дожд и ветер прогласувањето го следеа 100 илјади верници.
Пред Исус, како „кралица на Полска“ устоличена е Богородица Марија, во 1656 година, а тоа устоличување полскиот кардинал Стефан Вишињски го обнови во 1956 година.
Од минатата година, кога на власт дојде конзервативната партија Право и Правда на поранешниот премиер Јарослав Качински, расте влијанието на католичката црква на политичкиот живот.
Пратеничката од Право и Правда, Беата Матеушак Пјелухa минатата седмица дури предложи атеистите, православните и муслиманите да бидат протерани ако не потпишат дека ќе ги почитуваат Уставот на Полска и католичките вредности.