Полската влада објави водич за граѓаните кој содржи упатства како да се подготват за кризна ситуација како што е војната.
Во водичот се наведува што треба да се прави во случај на напад со различни видови оружје, од конвенционално преку хемиско до нуклеарно. Опишани се и системите за јавно предупредување што се користат во такви случаи.
Водичот ги советува граѓаните да се снабдат со вода, храна, лекови и батериски светилки во случај на прекин на струја.
Полската влада наведува дека мора да ги подготви граѓаните за различни сценарија, но негира дека водичот е поврзан со војната во Украина. Претходните слични водичи вклучуваа ситуации како што се поплави и ледено зимско време.
Но, заканата од руска инвазија секако е во умот на дел од граѓаните во Полска, која граничи со Украина. Иако Русија ги фокусираше повеќето свои напади на северот, југот и истокот на Украина, руските сили извршија неколку напади врз Лавов, град на само 60 километри од полската граница.
Засега нема конкретни информации дека Русија планира да ја нападне Полска, исто како што ниту Полска очекува напад, но се стравува дека Русија би можела да ја прошири својата инвазија на соседните земји.