После првиот бран на декомунизацијата и отстранувањето на споменикот на Црвената армија на ред во Полска доаѓаат и пруските и украинските споменици, се што според образложението на полската владеачка партија Право и правда би можело да ги деморализира Полјаците.
Владеачките полски конзервативци на Јарослав Качински на пратениците во Собранието им предложиле дополнување на важечкиот закон за забрана за пропагирање на тоталитарни идеологии како што се фашизам и комунистички и советски режим.
Според тој предлог, улиците и плоштадите во полските градови треба да се исчистат од споменици од пруски, германски и руски милитаризам и литвански и украински национализам.
После споменикот за благодарност на Црвената армија за ослободување на Полска кон крајот на Втората светска војна и во чест на сеќавањето на околу 600.000 советски војници, Руси, Белоруси, Украинци и други народи од тогашната СССР кои ги дадоа животите за слобода на Полјаците, на удар сега ќе дојде и споменикот на Фридерик Вилхелм фон Реден во Хожув, министер од почетокот на 19 век, поинерот на индустријализацијата, заслужен за развој на тој град на југот на Полска.
Нов на списокот за демонтирање и ликвидација е и споменикот за сеќавање на 20.000 советски заробеници кои нацистичката војска ги убила во 1941 година во логорот Каролувка на истокот на Полска.
На тапет се и украински и литвански споменици затоа што измените на законот за декомунизација се прошируваат и на „прускиот, германскиот и рускиот милитантизам и литванскиот и украинскиот национализам“.
„Тоа се објекти кои деморализираат и треба да бидат отстранети за доброто на полското општество, за општеството да се заштити од пропагирање на тоталитарни ликови“, стои во образложението на измените на законот.
„Право и правда сакаат да ги скријат трагите на националните малцинства, посебно на оние со кои се војувало“, вели претседателот на Сојузот на Украинци во Полска, Пјотр Тима.
Загрижени се и претставниците на германското малцинство во Полска затоа што на удар можат да дојдат речиси сите споменици на германските историски личности, а одлуката за нивното отстранување повеќе не ја носат локалните самоуправи туку војводата на регионот и Институтот за паметење на народот.
Во првиот бран на декомунизацијата на јавниот простор во Полска врз основа на законот којшто во мај го потпишаа претседателот на Полска, Анджеј Дуда, почна отстранувањето на речиси 500 споменици на Црвената армија и советските комунисти, а сменети се и многу имиња на улици.
Некогаш, толку апсурдно, како тоа на пример дека име на улица е сменето од Улица на победата повторно во Улица на победата но сега во чест на победата над советските болшевици.