Полската агенција за внатрешна безбедност го приведе Јануш Н. под обвинение за шпионажа за Русија, соопшти државното Обвинителство.
„Осомничениот бил активен во Полска, Европската унија и други земји како дел од руските пропагандни и дезинформациони проекти преземени за ослабување на позицијата на Република Полска во ЕУ и на меѓународната сцена“, соопшти обвинителството.
Осомничениот е уапсен на 31 мај. При претресот во неговиот стан биле пронајдени над 300 илјади злоти (околу 84 илјади долари).
Судот донесе одлука за притвор од три месеци. По судењето, му се заканува казна затвор од 10 години.
„За време на истрагата, обвинителот утврди дека осомничениот постапил во корист на Руската Федерација, засилувајќи ги своите активности откако неговиот соучесник претходно бил приведен под сомнение за шпионажа.
Јануш Н., по упатство на руското разузнавање, се обидел да воспостави контакт со полски и странски политичари, вклучително и оние кои работат во Европскиот парламент“.