„Попис ќе има идната година во април бидејќи тоа е неопходно за развојот на државата. Пописот не смее и нема да зависи од волјата на политичките партии и лидери“, напиша вечерва премирот Зоран Заев на својот Фејсбук профил.
„Пописот, како статистичка операција, според највисоките стандарди на ЕУ, ќе го организира и спроведе Државниот завод за статистика кој за пилот фазата ги доби највисоките оценки. Нашите граѓани чекаат попис речиси две децении, оваа шанса нема да ја пропуштиме. Сѐ е подготвено, а развој е можен само со точни статистички податоци“, наведува Заев во статусот на Фејсбук.
Заев претходно денеска во Тетово изјави дека се прават напори предлозите на опозицијата што се однесуваат на Законот за попис да бидат прифатени, посочувајќи дека опозициските партии во овој процес биле вклучени повеќе од една година и половина.
„Цела оваа година и половина од кога разговараме за пописот, опозицијата е вклучена. Имаше работни групи, и од власта и од опозицијата, директорот на Државниот завод за статистика одржа неколку состаноци“, рече Заев, кој денеска во Тетово присуствуваше на отворање на новите простории на Државниот пазарен инспекторат.
Тој појасни дека има три категории попишување–едниот дел се вкупно граѓаните, вториот дел се граѓани резиденти односно сите граѓани што живеат во земјата и третата група се граѓани кои се иселени на подолг период од една година. Тоа, според него, ја прави беспредметна и ирационална дебатата за етничка припадност или колкави се процентите и слично.
„Опозицијата даде нов предлог да користиме отпечаток од прст. Јас не знам како ќе го користат отпечатокот граѓаните што се иселени по една година. Правиме напори. Министерот за правда веднаш стапи во контакт со донатори да видиме дали може да обезбедиме донации, имаме амбасади кои располагаат со преку 20 милиони евра поддршка за изборите во државата, па замолуваме да одвојат пет милиони евра, па да
купиме пет илјади отпечатоци кои ги користиме за изборите ама еве ќе помогнат и за пописот“, изјави Заев.
Пописот, потенцира тој, е обврска на граѓаните, и тие треба да се попишат целосно согласно стандардите од Еуростат.
Премиерот изјави дека се прави се опозицијата да биде спокојна, потенцирајќи дека попишувачите се професионаци и оти нив „не ги дава на СДСМ, ни ДУИ, ни Алијанса, ни ВМРО-ДПМНЕ“.
„Одат во групи, базата на податоци која ја имаме е електронска, само ќе ги споредиме податоците, но на крајот тоа ни треба најмногу за економските показатели согласно кои државата ќе развива политики“, вели премиерот Заев.
Прашан дали е можно одложување на пописот ако опозицијата не даде согласност, Заев со одговор дека пописот ќе се реализира.
„И власта ако одбие да даде согласност, пописот ќе се реализира. И опозицијата ако одбие да даде согласност, пописот ќе се реализира. Ако не го реализираме во април, есента имаме избори, 2022 е веќе доцна. Ние сме една од ретките држави во светот, а единствена мислам во Европа, што 18 година нема попис“, рече Заев.