Милитантите од терористичката група Џабат Фатах ал Шам, некогашниот Нусра фронт и нејзините сојузници ги уништуваат малите северни сириски градови гранатирајќи ги како знак за одмазда поради поразот во Алепо.
Терористите ги напаѓаат градовите Кафраја и Ел Фоа, кои се под опсада веќе три години.
Во овие две места се наоѓаат околу 20.000 луѓе, а од почетокот на опсадата до сега, според некои информации, убиени се 2.000 лица вклучувајќи и 400 деца.
Откако милитантите почнаа да бележат значајни загуби во Алепо, почнаа тешки денови за овие градови.
Се стравува дека Кафраја и Ел Фоа наскоро ќе бидат до крај уништени. Само во последниве неколку денови загинаа десетици лица.
Од 2011 година Сирија се наоѓа во граѓанска војна после протестите кои беа дел од „арапската пролет“.
Судирот во кој се борат, од една страна владините сили, а од друга џихадистите и други бунтовнички групи, резултираше со хуманитарна катастрофа, стотици илјади убиени и милиони раселени Сиријци.