Невреме со пороен дожд и силни електрични празнења го зафати попладнево Куманово и регионот.
Граѓани од улиците „Октомвриска револуција“, „Никола Тесла“, „Бајрам Шабани“, улиците од населбата „Зелен Рид“, „Серава“ и други урбани заедници пријавиле во РЦУК Куманово дека улиците се поплавени и дека шахтите не можат да ја апсорбираат големата количина на вода.
„Граѓани пријавија дека им се поплавени подрумските простории. Речните корита имаат можност да апсорбираат поголема количина на вода“, изјави Горан Стојановски од РЦУК Куманово.
На терен се екипите на „Водовод“, кои ги санираат штетите, настанати од обилниот дожд.
„Решени се проблемите на улиците „Никола Тесла“, „Франц Розман“, „Ѓуро Пуцар – Стари“, „Свето Филиповиќ“, но и на други места. Работевме со пет екипи, имаме помош и од екипи на „Чистота и зеленило“, а на помош ни дојдоа и од СВР Куманово кои на наше барање ја затворија „Октомвриска револуција“ и „Трета МУБ“ до спортска сала“, изјави директорот на „Водовод“, Горан Стојковски.
Жители на селата Табановце, Четирце, Речица, Режановце, Романовце, Умин Дол, Ново Село и Старо Нагоричане пријавиле дека имаат штети од град.
(Фото: МИА)