Завршната фаза од завршувањето на американската „вечна војна“ во Авганистан, формално почна денес, а последните американски и НАТО единици, после 20 години, ќе се повлечат до крајот на летото.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, го одреди 1 мај како официјален почеток на повлекување на воените сили – околу 2.500 до 3.500 американски војници и околу 7.000 НАТО војници, пренесува новинската агенција АП.
Војската направи попис на инвентарот, за тоа што се враќа во САД, што им се предава на авганистанските сили за безбедност, а што е за продажба како отпад на пазарите во Авганистан. Последните неколку недели војската ја изнесуваше опремата од земјата со големите товарни авиони Ц-17.
Се проценува дека САД во последните две децении потрошија повеќе од 2.000 милијарди долари во Авганистан, според проектот „Трошоците од војната“ на Универзитетот Браун, кој ги документира скриените трошоци за американскиот воен ангажман.
Официјални лица од Министерството за одбрана и дипломати за АП изјавија дека повлекувањето подразбирало затварање на помалите бази во текот на минатата година, но дека откако Бајден на средината на април најави повлекување до крајот на летото, само околу 60 воени лица ја напуштија земјата.
САД и нивните сојузници во НАТО заедно влегоа во Авганистан на 7 октомври 2001 година за да ги фатат лидерите на Ал Каеда, организаторите на терористичките напади на 11 септември во Њујорк и Вашингтон, кои живееја таму под заштита на Талибанците.
Два месеца подоцна, Талибанците беа поразени, а борците на Ал Каеда и нивниот водач Осама бин Ладен се дадоа во бегство, наведува АП.
Во својата најава за повлекување минатиот месец, Бајден рече дека почетната мисија е остварена пред една деценија кога припадниците на специјалните единици на американската морнарица го убија Бин Ладен во неговото скровиште во соседен Пакистан.
„Од тогаш Ал Каеда е деградирана, додека терористичката закана „метастазираше“ во глобален феномен којшто не може да се контролира со задржување на илјадници војници во една земја“, рече американскиот претседател.
До сега САД и НАТО не добија никакви ветувања од Талибанците дека нема да ги напаѓаат нивните трупи при повлекувањето. Како одговор на прашањата на АП, портпаролот на Талибанците Сухаил Шахин рече дека талибанското раководство сеуште размислува за својата стратегија.
Талибанците и понатаму го обвинуваат Вашингтон за кршење на спогодбата која ја потпиша п-ретходната администрација пред повеќе од една година. Во таа спогодба е наведено дека сите трупи ќе се повлечат до 1 мај, а непочитувањето на таа спогодба им „отвори пат на муџахедините да ја превземат секоја противмерка која ја сметаат за прикладна против окупаторските сили“, велат Талибанците.
Насилството порасна во Авганистан од потпишувањето на спогодбата од февруари 2020 година. Мировните преговори меѓу Талибанците и авганистанската влада, кои беа дел од спогодбата, брзо пропаднаа.
Во петокот со камион-бомба во источната провинција Логар се убиени 21 лице, од кои повеќето беа полицајци и студенти.
Авганистанците ја платија највисоката цена од 2001 година, со 47.245 убиени цивили, според истражувањето на проектот „Трошоци на војната“, а милиони луѓе се раселени внатре во Авганистан или пребегале во Пакистан, Иран и Европа.
Очекувањата се дека авганистанските сили за безбедност ќе бидат под се поголем притисок на Талибанците после повлекувањето, ако во меѓувреме не биде постигната мировна спогодба, тврдат авганистански набљудувачи.
Од почетокот на војната тие претрпеа големи загуби, проценките се дека животот го загубиле меѓу 66 и 69 илјади авганистански војници.
Минатата година беше единствената во која НАТО трупите не претрпеа човечки загуби. Од американското Министерство за одбрана велат дека од 2001 година се убиени 2.442 американски војници, а дека 20.666 се ранети. Во судирите убиени се и 1.144 лица, војници од другите земји-членки на НАТО.
Во меѓувреме, Талибанците станаа најсилни од 2001 до сега. Иако мапирањето на она што тие го контролираат е исклучително тешко, се верува дека тие го држат под контрола половина Авганистан.
„Им кажуваме на Американците што си заминуваат… Водевте бесмислена војна и плативте за тоа, а ние исто така дадовме многу жртви за наше ослободување“, рече Шахин во петокот за АП.
Сепак, со помирен тон додаде: „Ако отворите ново поглевје за помош на Авганистан во обнова и рехабилитација на земјата, Авганистанците тоа многу ќе го ценат“.
Најавувајќи го заминувањето Бајден рече дека чекањето за идеални услови за повлекување би ја „врзало“ Америка за неодредено време.
Како што наведува АП, во авганистанската престолнина и ширум земјата расте стравот дека после повлекувањето на последните странски трупи ќе стане хаос.
(Фото: АП)