Градоначалникот на еден мал унгарски град Петер Марки-Зај, аутсајдер без партиска припадност, според податоците од петина од избирачките места, води пред лево ориентираната Клара Добрев во изборот на кандидат којшто на парламентарните избори во 2022 година ќе му се спротивстави на премиерот Виктор Орбан.
На изборите следната година Орбан, по прв пат откако дојде на власт во 2010 година, ќе се соочи со обединет фронт на опозициски партии кој го сочинуваат социјалистите, либералите и некогашната крајна десница, а денес десен центар, Јоббик.
Во четири од 18 изборни единици во Будимпешта и во четири од 19 жупании кои гласаа вчера, Марки-Зај освои 63.308 гласови, а политичарката од Демократската коалиција, правничката и дипломираната економистка Клара Добрев, освои 38.227.
Марки-Зај, кој во предизборната кампања се претстави како прикладен кандидат и за левите и за конзервативните гласачи, доби многу гласови во Будимпешта, а Добрев оствари предност во руралните предели, покажуваат првите резултати.
За четириесет и деветгодишниот Марки-Зај, католик, татко на седум деца, со диплома за економија и маркетинг, прв пат во политичките кругови се слушна кога победи на изборите за градоначалник во 2018 година во својот роден град, поприштето на владеачката партија Фидеш.
Двајцата кандидати сакаат да го изменат она што го нарекуваат „нелибералната држава на Орбан“, што подразбира и нејзините идеолошки темели, како и унгарскиот устав и низ важни закони, за кои критичарите велат дека му помогнаа на Орбан да ја зацрвсти својата моќ.
И додека Орбан води разни битки со Европската унија, и Марки-Зај и Клара Добрев настојуваат да ги подобрат односите со Брисел, а двајцата се залагаат за тоа Унгарија во догледно време да го воведе еврото.
„Општо земено, Добрев би можела поуспешно да ги обедини шесте различни опозициски партии, но истовремено би требала да се бори за тоа на општите избори да ги привлече независните и десно ориентираните избирачи“, рече Андриус Турса од невладината организација „Тенео“.
„Во меѓувреме Марки-Зај би можел да има подобра стартна позиција кога е во прашање борба со актуелниот премиер Орбан, но неговото релативно ограничено политичко искуство може да му го отежне соединувањето на опозициските партии“, смета Турса.
(Фото: ЕПА)