Актерката и поранешна градоначалничка на Кисела Вода, четириесет и петгодишната Билјана Беличанец, синоќа е пронајдена мртва во стан во Скопје.
МВР соопшти дека во саботата вечерта, околу 22.30 часот, во полициска станица Центар, С. М. пријавил дека на ул.„Истарска“ во неговиот стан го пронашол безживотното тело на неговата сопруга Билјана.
Екипа на Итна медицинска помош ја констатирала смртта.
Полицијата извршила увид при што било констатирано дека Беличанец си го одзела животот со бесење.
По наредба на јавен обвинител телото е предадено на Судска медицина за обдукција.
Беличанец беше актерка во Драмскиот театар во Скопје. Таа беше градоначалник на скопската општина Кисела Вода од 2013 до 2017.
Родена е во 1973 година. Дипломира актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1994. Работеше во прилепскиот Народен театар „Војдан Чернодрински“ од 1994 до 1997, а од 1997 година е во Драмски театар во Скопје.Одигра голем број улоги меѓу кои и Маргарет Флаерти („Заводникот од западниот свет“, 1997), Сузана („Свадбата на Фигаро“, 1998), Софија Јегоровна („Платонов“, 1999), Клариса де Бисоњози („Арлекин – слуга на двајца господари“, 1999), Кинегонда/ Газдарица на јавна куќа („Кандид во земјата на чудата“, 2000), Ерика Брукнер („Мефисто“, 2000); Маре („Тетовирани души“, 2001).
Беше дел и ТВ-проектот „Здраво генијалци“ и натсинхронизираше гласови во турски серии.
Има добиено повеќе награди за актерските остварувања, меѓу кои и награда за најдобро актерско остварување за улогата на Кинегонда во претставата „Кинегонда во Карлаленд“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ Прилеп (2009), награда за најдобро актерско остварување за улогата на Сара во претставата Генетика на кучињата на МТФ „Војдан Чернодрински” (Прилеп, 2012).