Авион на нискобуџетската авиокомпанија „Рајан Ер“ кој бил на лет од Даблин за Краков вчеравечер присилно слета на берлинскиот аеродром заради закана со бомба.
„Полициските сигурносни мерки завршија без откривање на каква било опасност“, изјави портпаролката на берлинската полиција.
„Патниците можеа да го продолжат летот за Полска со резервен авион“, додаде таа, не наведувајќи детали за причините за тревогата.
Според дневниот весник „Билд Цајтунг“, во случајов станувало збор за закана со бомба, која се покажала како неоснована.
Авионот кој превезувал 160 лица слетал нешто по 20 часот по локално време на пистата на аеродромот Берлин – Бранденбург, на југот на германската престолнина.
Според германските медиуми, патните торби биле извадени од авионот за да ги „прегледаат“ кучиња трагачи, додека леталото беше опкружено со бројни полициски и противпожарни возила.
„Капетанот на авионот на ‘Рајан Ер’ побара итно слетување и веднаш му беше одобрено“, рече за „Билд“ портпаролот на аеродромот, Јан Питер Хак, прецизирајќи дека патниците веднаш биле внесени во терминалот, на сигурно.
Во јули лани авион на „Рајан Ер“ којшто леташе на истата рута, на линијата од Даблин за Краков, мораше итно да слета во Лондон по дојавата дека во него има бомба, која исто така се покажа дека е неоснована.