Јапонија ќе почне да им издава дигитални сертификати на граѓаните кои се вакцинирале против корона вирусот, затоа што тоа го направиле Кина, Европската унија и другите земји кои ги прифатија ковид пасошите како средство за враќање на слободните патувања, јавува порталот „Никеи Азија“.
Според сознанијата на порталот, сертификатите ќе можат да се користат преку мобилни апликации и ќе бидат во склад со меѓународните стандарди, така што патниците ќе можат да приложат доказ за вакцинација при влегувањето во авион или пријавување во хотел.
Јапонската влада ја разгледува можноста сертификатите да ги додаде во апликација која ќе биде претставена следниот месец, а која содржи уверение за негативен тест на корона вирус.
Информациите од апликацијата ќе бидат поврзани со новиот систем, кој го следи прогресот на владината програма за вакцинација.
Јапонија веќе користи сертификати во хартиена форма, а граѓаните кои се вакцинирани ќе можат да добијат уверение за вакцинација на купон кој го издаваат локалните власти како доказ за имунизација.
(Фото: АП)