Први мај е одбележан ширум светот, од Европа до Азија, со поворки и маршеви чии учесници бараа поголеми плати и подобри услови за работа, а во некои земји дошло до судир на полицијата и демонстрантите.
Во Франција, полицијата истрела солзавец на демонстрантите кои при маршот по повод Први мај во Париз почнаа да фрлаат кон неа со молотови коктели. Најмалку четири полицајци се повредени во судирите.
Годишниот марш за работничките права оваа година вклучи повици за да не и се дозволи на десничарската кандидатка Марин Ле Пен да победи во вториот круг на претседателските избори во недела.
Реагирајќи на снимките, кандидатката на крајната десница за претседател на Франција, Марин Ле Пен на својот Твитер профил напиша: „Ова е збрка … каква што јас повеќе не сакам да видам на нашите улици“.
Турската полиција истрела солзавец и гумени куршуми за да ја растера групата демонстранти кои, и покрај забраната, сакаше да го прослави 1 мај, со марш на плоштадот Таксим, и притоа повеќе од 200 луѓе се повредени.
Демонстрантите кои ги сочинуваа припадници на левичарски групи, објавија транспаренти на кои пишуваше „Да живее 1 мај“, „Не’ за диктаторот“, после референдумот на кој значително се проширени овластувањата на претседателот Ердоган.
Турските власти забранија какви било демонстрации на плоштадот Таксим, а полицијата постави барикади на авенијатав која води кон него.
Неколку илјади луѓе учествуваа на прославата на Празникот на трудот во официјалното одредено подрачје во квартот Бакиркој во близина на меѓународниот аеродром во западниот дел на градот.
Речиси милион и пол граѓани на Русија се собраа денеска на првомајската парада во центарот на Москва, што е многу повеќе отколку претходните години. Учесниците собрани на Црвениот плоштад во руската престолнина, носеа знамиња и балони и слики на Владимир Илич Ленин.
Присутните ги поздрави градоначалникот на Москва, Сергеј Собјањин.
Во прошетката учествуваа работници во индустријата, учители, лекари, спортисти …
Оваа година првомајската прошетка се одржа под мотото „За пристојна работа, плата и живот“.
Први мај се прослави и во другите руски градови, а полицијата наведува дека 2,6 милиони Руси јавно го одбележале овој ден.
Во Грција, синдикатите го одбележаа празникот 1 мај, со 24-часовен штрајк ширум целата земја и со протести против новите мерки за штедење кои ги бараат меѓународните кредитори во замена за исплатата на новата транша од финансиската помош.
Како што јавува агенцијата АП, неколку илјади луѓе се собрале пред зградата на грчкиот парламент во Атина, одзивајќи се на повиците на синдикатите на протест.
Овогодишниот првомајски марш низ центарот на Виена беше во знакот на Социјалдемократската партија на Австрија.
Работничките синдикати и левичарските активисти во Полска апелираа на единство како би се спротиставиле на актуелната конзервативна влада. Маршот го организираа синдикатите и Сојузот на демократска левица.
Илјадници граѓани на Мадрид се собраа денеска на традиционалниот протест по повод 1 мај, како би го искажале гневот и бесот поради раширената корупција, со оглед на тоа дека владеачката Народна партија се најде во средиштето на нов скандал.
Бројот на обвинувања против Народната партија, чиј лидер е Маријано Рахој, направија Шпанците, според анкетите, корупцијата сега да ја сметаат како главен проблем во земјата, дури и поголем од невработеноста, пренесува АП.
Во Камбоџа полицијата будно ги следеше повеќе од 1.000 работници од текстилната индустрија кои, пркосејќи и на владината забрана за маршеви, поминаа низ Пном Пен и на крајот поднесоа петиција во Народното собрание, барајќи повисока минимална плата и поголема слобода за собирање.
Новинските агенции пренесуваат дека учесниците во маршот носејќи транспаренти дошле до парламентарниот комплекс каде што ги запрела полициска барикада, а ситуацијата била разрешена после неколку часа кога претставници од собранието излегле и ја примиле петицијата.
На Филипини неколку илјади левичарски активисти и работници бучно маршираа барајќи поголеми плати и укинување на работите по договор на одредено време кои работниците ги лишуваат од многу привилегии.
Илјадници работници од текстилната индустрија се собраа во Бангладеш барајќи поголеми плати и подобра правна заштита. Во Бангладеш во индустријата за облека работат околу шетири милиони луѓе во околу 4.000 фабрики кои остваруваат извоз од 25 милијарди долари годишно главно во САД и Европа, но условите за работа се главно лоши.