Поранешниот Генерален секретар во македонската влада Драги Рашковски утринава, по налог на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, е приведен во суд.
Заедно со Рашковски е приведен и Даниел Станчев, сопственик и управител на фирмата „Инвока гроуп“.
Рашковски и Станчев се сомничат дека направиле злоупотреби во случај поврзан со јавна набавка на софтер за сообраќајни прекршоци.
По завршувањето на распитот пред судија на претходна постапка ќе се знае во однос на предлогот на јавниот обвинител за определување мерка притвор за двајцата осомничени.
За другите двајца осомничени во случајот се бараат мерки за претпазливост.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција вчера донесе наредба за спроведување истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик.
Рашковски пред неколку дена си поднесе оставка од функцијата секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата и на стратешки проекти. Премиерот Зоран Заев ја прифати оставката.