Вакцините „Астра Зенека“ што пристигаа денеска на аеродромот Скопје преку ковакс механзимот се произведени во Кореја. Со нив вакцинацијата треба да стартува в среда во вакциналните пунктови во здравствените домови.
Покрај 24.000 -те илјади дози што на здравствените власти им беа испорачани денеска во присуство на дипломатскиот кор и претставници на СЗО и УНИЦЕФ, за до крај на април преку Ковакс има најава за уште 76.000 вакцини од истиот производител за нашата држава.
Со овие вакцини први ќе се вакцинираат 20.000 лица над 75 години со хронични болести, а согласно местото на живеење ќе бидат дистрибуирани во вакциналните пунктови во здравстевните домови.
Министерот Венко Филипче денеска им се заблагодари на меѓународните претставници за помошта за транспортот и приемот на вакцините изразувајќи надеж за континуирана достава на вакцини преку Ковакс механизмот, од каде, како што рече, според досегашните сознанија, во април во држвавава треба да пристигнат дополнителни 76 илјади дози од производителот „Астра Зенека“.
„Во развивање на ковакс механизмот инвестираа и учествуваа многу држави и организации, со цел да имаме еднаква и правична распределба на вакцините ширум светот. Сакам да се заблагодарам на сите земји клои го поддржаа овој систем посебно на САД, Германија, Велика Британија, Франција, како и на претставниците и на СЗО и на УНИЦЕФ со чија помош го организиравме целокупниот систем за транспорт, за прием и понатаму за користење на овие вакцини, а врз основа на искуствата на сите земји каде што се користат“, рече Филипче.
Сега, посочи тој, сме целосно посветени системот на имунизација да се спроведе брзо и ефиаксно.
Покрај дополнителните 76.000 дози преку ковакс системот, како што рече, вчера од ЕУ стасале вести дека во април треба да пристигнат и други вакцини од Кина.
Место за масовна имунизација ќе биде салата „Борис Трајковски“.
(Фото: МИА)