Полицискиот час од 22 до 5 часот, кој истекуваше денеска, ќе продолжи да важи до 6 април. Комисијата за заразни болести следните денови, согласно епидемиолошките анализи ќе утврди дали се потребни дополнителни рестриктивни мерки.
Со Одлука на Владата, полицискиот час беше воведен на 10 март, заради ограничување на движењето и комуникацијата на младите кои тоа интензивно го правеа во паркови, јавни површини, и по домови после затворањето на угостителските објекти, откако беше констатирано дека тие се едни од главните преносители на вирусот.
Комисијата за заразни болести и министерот Филипче очекуваат на почетокот од неделава резултати од полицискиот час, од кои ќе зависи новата проценка за воведување рестриктивни мерки, кои би значеле евентуално зголемување на времетраењето на полицискиот час и скратување на работата на угостителските објекти.
Вчера, по направени 2.730 тестирања, регистрирани се 642 нови случаи на КОВИД-19, починале 25 лица, а оздравени се 524 пациенти, соопшти Министерството за здравство согласно податоците од Институтот за јавно здравје.
Од новодијагностицираните најголем број се во Скопје 321, а со двоцифрена бројка се и Прилеп и Велес – по 40, Куманово – 27, Гостивар – 23, Кавадарци – 22 и Охрид – 20.
На инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови се лекуваат 1.329 пациенти.
Од Министерството за здравство информираат и дека поради зголемениот број пациенти кои имаат потреба од хоспитализација, во Скопје отворен е и Ковид – центарот на Клиниката за пластична хирургија.
Моментно има околу 300 празни болнички кревети во ковид – центрите.
Во тек е вакцинација на здравствените работници. Досега се вакцинирани 6 142 здравствени работници, а вкупно пријавени граѓани за вакцинација преку сајтот vakcinacija.mk се 111.014.
Досега во земјата се направени вкупно 590.276 тестирања на Ковид-19, а вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 119.378.
Бројката на оздравени пациенти е 100.774, на починати 3 473, а бројот на активни случаи изнесува 15.131.
(Фото: МИА)